Американскиот претседател Џо Бајден беше домаќин на лидерите на Јапонија и Јужна Кореја во Кемп Дејвид, недалеку од Вашингтон, на историски самит што треба да доведе до зајакнување на воената соработка поради заканата од Северна Кореја и Кина.
Бајден оцени дека средбата ќе го означи почетокот на „новата ера на соработка“.
Тој, исто така, им се заблагодари на јапонскиот премиер Фуми Кишида и на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол за политичката храброст што ја покажале во работата на ова зближување, и покрај болното минато и фактот што Јапонија ја колонизираше Јужна Кореја од 1910 до 1945 година.
-Ќе го паметиме овој ден како историски ден, кога поставивме цврста институционална основа и преземавме обврски за нашето трилатерално партнерство – рече јужнокорејскиот претседател.
Јапонскиот премиер, пак, рече дека со нетрпение очекува искрени разговори за да почне „нова ера на партнерство“.
На состанокот трите земји ќе воспостават програма за заеднички воени вежби во период од неколку години и ќе преземат заложба да се консултираат во кризни ситуации.
Трите земји, исто така, ќе воспостават „итен канал за комуникација меѓу претседателите на државите и владите и другите службеници на нивните администрации“.
Тоа ќе биде еден вид „црвен телефон“ со три слушалки, во дел од светот кој живее под заканата од нуклеарната програма на Северна Кореја и стравувањата од кинеска инвазија на Тајван.