Бајден брза да и помогне на Украина со милјарди долари пред да му истече мандатот

by Fokus

Белата куќа планира да ѝ испрати на Украина воена помош од милијарди долари пред Џо Бајден да ја напушти функцијата во јануари, велат извори. Вашингтон сака да ја зајакне Украина пред инаугурацијата на Доналд Трамп на 20 јануари, зашто е неизвесно како новата администрација ќе се постави по ова прашање.

„Владата на Бајден сака да ја стави Украина во најсилната можна позиција пред да ѝ заврши мандатот“, изјави висок владин функционер.

Трамп беше критичен кон американската воена помош за Украина, што ги зголеми грижите околу идната поддршка, особено во ситуација кога Републиканците би можеле да имаат мнозинство во двата дома на Конгресот. Претставничкиот дом, кој досега беше тесно контролиран од Републиканците, ја одобри последната воена помош за Украина во април, дури осум месеци откако таа беше побарана од Бајден.

Од тој пакет, остануваат да се префрлат уште 4,3 милијарди долари, плус 4,8 милијарди долари од други претходно одобрени мерки, што би бил значаен поттик за украинските залихи. Се очекува Украина во следните месеци да добие муниција, проектили, противтенковски оружја и воени возила.

Аналитичарите велат дека не е сигурно дека Вашингтон би поддржал повеќе помош за Украина откако Републиканците ќе ја контролираат Белата куќа и барем половина од Конгресот, особено ако Украина доживува неуспеси на бојното поле.

Поврзани новости