Багателни цени и микс на вкусови и мириси: Странците во Охрид знаат каде да вечераат!

by Fokus

Традиционалните приказни за ,,изгор” цени во угостителските локали во Охрид во ек на туристичка сезона паѓаат во вода ако се знае каде да се оди на ручек или вечера, на место каде се нудат превкусни кулинарски специјалитети по цени пониски од оние во повеќето градови во земјава.

На повеќето странци кои летуваат во Охрид добро им е позната локацијата на која може да се добие богата салата по цена од 120 до 150 денари, тавче гравче за 100 денари, рибина или телешка чорба за 120 денари, разни специјалитети како гулаш, мусака, полнети пиперки за само 150 денари за обилна порција. Скара, ориентални специјалитети, но и десерти како баклава со ф’стак или орев, алва, локум, сладолед, разни видови на кафе за 50 денари, безалкохолни пијалоци за 60 денари, чаша вино за 120, или шише сортно вино од позната винарија за 800 денари, сето тоа се нуди во локалите сместени на старата турска чаршија во центарот на градот.

Она кое е забележително, масите се постојано полни, гостите седнуваат, ручаат или вечераат и си одат, а други доаѓаат на нивното место, и речиси сите посетители се странци. Периодов ги има од Холандија, Германија, Полска, Србија…

Велат дека најчесто ги избираат овие ресторани и гостилници не само поради пристапните цени, туку и поради духот на минатото кој е овде зачуван. Традиционални готвени јадења, микс на мириси и вкусови, една поинаква култура и љубезни угостители е она кое е белег на старата охридска чаршија, а кое ги привлекува странците во голем број.

-Сакаме да имаме задоволни гости, кои утре пак ќе ни дојдат, кои добро ќе ги нахраниме и угостиме и секогаш ќе не спомнуваат по вкусно приготвената храна и по добрата услуга. Изминативе години се отворија многу модерни локали во градот, популарните ланч барови, но од наше искуство, тие се примамливи најмногу за гостите од Македонија. Странците повеќе сакаат да ручаат овде, во ова автентично опкружување, а при тоа и да не потрошат голема сума на пари за еден семеен ручек. Цените ни се исти во тек на цела година, го одржуваме истиот квалитет константно, затоа и постојано сме полни – ни раскажа еден од угостителите, кој со децении води ресторан во старата охридска чаршија.

-Сакаме оригиналност кога одиме на летување, а токму тоа го има овде. Сме доаѓале во Охрид повеќе пати, воопшто не се двоумиме кога е изборот на место за ручек во прашање. Урбаните локали го нудат она кое може да се најде секаде во светот, но старата чаршија со уникатноста е голем благодет на овој град – ни раскажаа туристи од Полска кои имаа семеен ручек во една од гостилниците.

Вики Клинчарова

Поврзани новости