Бадник е денот пред Божик. Празник пред празникот. Најава на празникот. Очекување на Христовото раѓање.
Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божик. Од рано утро нè будат со песна и со радост. Тие се првите гласници на празникот – весници на радоста. Нашите ангели за Бога и за Бадник. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот.
За добрата вест се наградува, а за коледарите награда се отворената врата, пречекот, радоста и обичните дарови – плодови од природата: ореви, костени, јаболка, круши, смокви, сливи и ситнурии. Се радуваат на малку и на едноставност, а тоа е добро школо за нас возрасните дека, всушност, толку и ни треба. Доволна е насмевка и радост, срдечност и љубов.
Тоа се богатствата што ги добиваме од децата и такво е бадничкото семејно празнување. Негова одлика се љубовта и едноставноста. Тоа е денот кога се чувствуваме најблизу до оние што ни се најблиски и до она што ни е најблиску: до децата и до родителите, до себеси и до своите, до семејството и до природата. Најблиску до луѓето и до Бога.
Затоа на Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. Во сите домови се принесува молитва од домашната црква. Молитва заедно со принос – благодарност на трпезата. Како в црква евхаристија. Таква е заедницата на љубовта. Заедница на заедничарењето. Радост со најблиските, љубов крај своите.