Бачев: Канческа-Милевска се шета како манекенка, а мене ме гонат дека сум ја загрозил нејзината сигурност

by fokus

Претседателот на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, бил вчера приведел во полициска станица на распит поради неговата прес конференција каде им се закани на пратениците дека нема да стигнат ниту до граница ако гласаат за уставни измени и каде обвини дека на пратениците им бил нуден поткуп од 2 милиони евра. Бачев вели дека власта спроведува полициски прогон врз него.

-Марионетската власт во Скопје ја отвора и последната карта во борбата со неистомислениците. Во Македонија повторно се воведува т.н. вербален деликт од членот 133 од Кривичниот законик во поранешна Југославија, кој одaмна е укинат и со кој се санкционираше слободата на говорот. Сега, во Македонија, вербалниот деликт се применува под називот говор на омраза. Ова за МВР значело, внимавајте добро, дека Единствена Македонија ќе ги убива одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со што била загрозена нивната сигурност. Помина 1 месец од соопштението, а на одметнатите 8 пратеници не им фали ништо, дури, Елизабета Канчевска Милевска доби унапредување во координатор на пратеничка група и секоја вечер како манекенките на модни писти се шета од телевизија во телевизија да не убедува дека бришењето на се што е македонско било за наше добро – изјави Бачев денеска.

Како што рече Бачев, според судот во Стразбур, политичката дебата подразбира и силни зборови.

-Дури и она што разните шарени и соросови инсталации во земјата го сметаат за апокалипса – дека токму владата треба да биде толерантна кон ваквите наводни деструктивни изблици.  Заштитата дадена според членот 10 став 1 од Европската конвенција за човековите права ги опфаќа и ставовите на групи или ставот на едно лице дури и кога тоа претставува шок за мнозинството.  Во земјава цвета организираниот криминал, перење пари, гледаме насади со дрога до куќите на луѓето, а наспроти ова, Единствена Македонија стана главен проблем во оваа земја, ни забрануваат настапи на телевизии, не следат, прислушкуваат, ни вршат полициски прогон. Ќе следат сенародни македонски протести до паѓањето на оваа ненародна влада со еден услов, а тоа е избори без Заев како премиер – најави тој.

Поврзани новости