Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, денеска ги отфрли и последните тврдења од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оти од Србија во земјава бил увезен канцероген пробиотски јогурт. Двете пратки од овој јогурт, како што денеска на прес-конференција изјави Бабовски, се веќе вратени во Србија.
„Се работи за две пратки пробиотски јогурт, секоја од по 7 053 килограми, односно вкупно 14 106 килограми од овој производ со зголемено ниво на афлатоксин, кои во текот на вчерашниот ден се вратени во Србија со согласност на извозникот и на надлежниот орган на Република Србија“изјави првиот човек на АХВ.
Бидејќи Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ не ѝ верува на АХВ, рече Бабовски, а бидејќи располага со лабораториските резултати со серискиот број и лот за секој земен примерок, слободно нека оди и нека го побара овој пробиотски јогурт во маркетите.
„Ни случајно овие производи, како што твди Трипуновски, не се нашле во промет, туку биле под официјален надзор се до враќањето. Одговорно тврдам дека станува збор за чиста манипулација од негова страна“додаде директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера обвинија и оти АХВ не информирала навреме за детектираното канцерогено млеко од Србија, туку дека тоа го сторила по изнесените трврдења на партијата. На ова, Бабовски вели дека Агенцијата ниту криела ниту во иднина ќе крие информации во врска со квалитетот на храната и за евентуалното повлекување од промет на небезбедните производи.
Бабовски го отфрли како небулозно и тврдењето на Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ оти небезбедно млеко со афлатоксини од домашна млекарница се нашло на рафтовите во маркетите.
„Во рамки на мониторинг програмата на АХВ и задолжителните тестирања утврден е афлатоксин во сурово млеко откупено од домашни производители. Утврденото присуство на афлатоксин е со т.н. брз тест, по кој е направен и конфирматорен тест од страна на Факултетот за ветеринарна медицина кој беше негативен на афлатоксин. Суровото млеко во ниту еден еден случај, како што тврди тој, не се најде на рафтовите, туку заврши за преработка по задоволителен конфирматорен тест“додава директорот на АХВ.