Бабиш ги оцени „Пандорините документи“ како заговор против него

by Fokus

Чешкиот премиер Андреј Бабиш го означи новиот истражувачки проект на 600 новинари од целиот свет, Пандорините документи, како заговор смислен за тој да не победи на парламентарните избори на 8 и 9 октомври.

Тој отфрли дека направил нешто незаконско во купувањето луксузни недвижности во Франција преку наменски основани компании во ткн. „даночни раеви“.

-Чекав што ќе извадат непосредно пред изборите за да ми нанесат штета и да влијаат на чешките избори. Овој пат случајот е стар 12 години. Во него е јасно дека не сум направил ништо против законот ни лошо, но тоа не ги спречува во тоа да се обидуваат да ме оцрнат и така да влијаат на чешките избори“, рече Бабиш за таа афера.

Чешкиот портал инвестигаце.цз, кој заедно со новинарите од 117 земји, ги проучуваше документите од „даночните раеви“, вчера почна да ги објавува откритијата дека сегашниот чешки премиер во 2009 година основал две офшор компании и преку нив на себе си испратил 15 милиони евра за да купи 16 луксузни недвижности, меѓу нив и мал замок во близина на Кан на Азурниот Брег во Франција.

Во тоа време Бабиш не бил во политиката, туку само еден од чешките тајкуни, сопственик на агрохемискиот концерн Агроферт. Но, по стапувањето на функцијата тој не ги пријавил имотите и парите во задолжителниот имотен лист.

Чешкиот портал прашува од каде му на Бабиш 15 милиони евра и зошто ги купувал имотите преку таква комплицирана шема за да не може да им се влезе во траг.

Бабиш синоќа, во предизборна ТВ-дебата на чешката телевизија Ци Ен Ен Прима, рече дека лесно може да докаже дека тоа се оданочени пари кои отишле преку чешка банка.

Освен Бабиш, со „Пандорините документи“ се откриени 330 политичари и јавни личности од целиот свет, кои криеле имот на даночните раеви или со комплицирани офшор трансакции избегнувале да го платат целиот данок.
Бабиш во јавните настапи досега остро ги критикуваше даночните раеви, тврдејќи дека не чува пари во нив.

Бабиш 14 дена пред објавувањето на Пандорините документи одбиваше да му даде каква било изјава на порталот инвестигаце.цз.

Дури, во последен момент, минатата недела, им беа одбиени акредитациите на новинарите од тој портал, но и на некои други угледни западни медиуми, француски и германски, па не можеле да влезат на конференцијата за новинари на Бабиш и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Поврзани новости