Старицата на возраст од 74 години, за која „Фокус“ синоќа објави дека била однесена во затворот „Идризово“, откако била осудена на една година затвор за „гледање на кафе“, наводно за пари, што се смета за измама, и вечерва ќе остане зад решетки, а можеби и уште неколку дена, иако директорот на затворот Живко Пејковски тврди дека местото не и е таму.
Тој за „Фокус“ појасни дека Д.Р. по грешка била донесена во затворот, односно за неа нема правосилна пресуда, а згора на се и била судена во отсуство.
-Веднаш испративме допис до Основниот суд Гевгелија да се повтори судската постапка, а истото пред нас го сторила и адвокатката на госпоѓата. Од судот не добивме одговор, но јасно е дека на оваа жена местото не и е тука, бидејќи за неа нема правосилна пресуда, поради што наскоро ќе мора да излезе на слобода, вели Пајковски за „Фокус“.
Побаравме одговор од надлежните во Основниот суд Гевгелија зошто и покрај тоа што нема правосилна пресуда било побарано полицијата да ја спроведе Д.Р. на издржување на казната, бидејќи таквата наредба ја дава судот? Нашите обиди останаа безуспешни, бидејќи ни посочија дека судијката која била овластена да дава информации за јавноста е на судење, па не може да одговори на нашите прашања.
Валентина Вурмо