Откако при средината на март, Алијанса за Албанците на Арбен Таравари влезе во владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски, така директорските места на некои од скопските клиники ги заземаа нивни кадри.
Без разлика што претходните директори, дали организациски или медицински имаа потпишано четиригодишни манаџерски договори, за што „Фокус“ веќе пишуваше, сепак кадри од оваа партија ги запоседнаа функционерските столчиња, очигледно по направениот политички договор откако влегоа во коалиција со СДСМ.
Како што веќе објавивме, на листата на разрешени директори се најдоа и директорката на скопска Ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска и на нејзино место е поставен Арѓент Муча од Гостивар, додека пак со Очната клиника повторно управува Беким Татеши. Исто така, и скопска Неврологија доби нов директор, па на местото на досегашниот Иван Барбов седна Висар Мифтари, кој доаѓа од Тетово, каде работел како раководител на Оддел за Неврологија.
Сепак и покрај редовните изјави на СДСМ, дека во јавните здравствени установи ќе бидат укинати економските или во јавноста познати како организациски директори, тоа не се случи. Дури и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити во една од дадените изјави велеше дека проектот донесен од ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година ќе заврши, но наместо тоа најголемиот број на економски директори се поставија токму од нивната партија.
КОЈ Е ЈЕТОН ШАЌИРИ, ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОР НА ГИНЕКОЛОГИЈА?
Еден од нив е и актуелниот организациски директор на скопската Клиника за Гинекологија, Јетон Шаќири, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албаниците.
Според нашите информации, тој е специјализант по хигиена, кој пред три месеци е донесен на клиниката, откако беше сменет претходниот економски директор. Нашите извори објаснуваат дека тој доаѓа од кумановско Матејче, од каде секој ден патува на релација Куманово-Скопје.
Уште со првото доаѓање на клиниката, со одлука на Управен одбор тој добива патни трошоци, кои се движат од 25 до 30.000 месечно во зависност од тоа колку денови има во месецот.
Според член 30 од Законот, работникот има право на надомест на трошоци за користење на сопствен автомобил во службени цели во висина од 30 посто од цената на литар гориво за соодветно возило, по поминат километар со патен налог.
Откако Шаќири добил зелено светло од Управниот одбор на клиниката, за овој краток период од два месеци, тој земал 54.000 денари за патни трошоци.
Инаку, нашите извори тврдат дека новиот економски директор правел и доста кочници во набавката на материјали за клиниката, бидејќи не потпишувал одредени документи за потребите на клиниката за што е потребен врзан потпис, поточно да се потпишат и медицинскиот и организацискиот директор.
Гинеколошката клиника е позната и по тоа што има најмногу професори на Медицинскиот факултет, односно има 31 универзитетски професори од различни области, на кои во моментот организациски директор им е специјализант по хигиена.
Шаќири за првпат во јавноста се појави откако 39-годишна пациентка, која што туку се породила се фрли од први спарт на клиниката и се уште е во многу критична состојба на КАРИЛ.
Тогаш, тој даде изјава за медиумите, што се случува за првпат економски директор да излезе во јавност и да дава изјава за ваков случај, со оглед дека тоа не е во неговиот домен на менаџерски обврски.
Ирена Мулачка
Фото: Канал 5