Азири: Во периодот кога се случи убиството и се додека ме уапсија контактирав со Ахмети, Бејта и Меџити

by Fokus

Повеќе од пет часа траеше денешното рочиште за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година на кое исказ даваа обвинетите Агим Исмаиловиќ  и Фејзи Азири.

Фејзи Азири во судница беше донесен од затворот во Штип, каде отслужува казна затвор за друго кривично дело.

Тој пред Судот се изјасни дека не се чувствува виновен и оти нема врска со овој настан.

– Како што се изјаснив и претходно јас немам врска со овој настан. Настанот е монтиран од полициските и од органите на правдата, рече Азири.

Одговарајќи на прашања на обвинителката Фатиме Фетаи, тој откри дека од 12 април кога се случи петкратното убиство до 1 мај кога бил уапсен, контактирал лично со Али Ахмети, а зборувал по телефон и со Изет Меџити и Невзат Бејта од ДУИ.

Тој дополни дека со Ахмети кога се видел разговарале за теми поврзани со партијата, а со Бејта и со Меџити зборувал за теми поврзани со сточарство, за субвенции…

Според Азири, Обвинителството го поврзало со петкратното убиство, бидејќи кај Смилковското езеро била најдена чаура која одговара со чаура од испукано оружје од претходниот настан од 2009 година во неговата фарма во Белимбегово, за кое дело сега одлежува казна затвор.

Азири пред Судот, рече дека пред десетина дена од затворот во Штип телефонски контактирал со обвинетиот Алил Демири по кого е распишана меѓународна потерница.

По завршување на рочиштето обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека е важно што овој предмет стартува од почеток и дека во понатамошниот тек на судскиот процес ќе се изведуваат старите докази, но исто така ќе бидат изведени и нови докази од Специјалното јавно обвинителство и од страна на одбраната.

– Како основа во оваа постапка мора да се земе поранешниот обвинителен акт и од таа причина од наша страна беа прочитани двата обвинителни акти и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, рече Фетаи.

Таа додаде дека од анализата и од доказниот материјал ќе зависат и промените кои ќе ги прави обвинителството и во понатамошниот тек на судскиот процес.

– Секој доказ ќе биде предмет на темелна анализа, а потоа ќе се изведуваат и нови докази и  во зависност од она што ќе произлезе од наша страна и од Судот ќе биде донесена соодветна правилна одлука, рече Фетаи.

Адвокатот на обвинетите Насер Рауфи во изјава за медиумите рече дека Специјалното јавно обвинителство на овој главен претрес изведе обвинителска истрага.

– Двајцата обвинети беа прашувани темелно и во детали што нам како одбрана ни одговара, бидејќи ние сме за да се расветли овој случај, рече тој.

Адвокатката на оштетените Дафинка Ивановска по рочиштето рече дека сега судењето ќе оди побрзо затоа што веќе се определени нови датуми за судски рочишта и дека се надева до крајот на оваа година ќе има и пресуда.

– Обвинителството поставува многу прашања што ќе придонесат за пополнување на некои празнини во овој процес. Со прашањата се извлекуваат многу заклучоци согласно кои излегува дека сегашната одбрана е дадена на поинаков начин од онаа претходната, рече Ивановска.

Судијата Огнен Ставрев ново рочиште за случајот „Монструм“ закажа на 23 мај кога исказ ќе даваат останатите двајца обвинети

Поврзани новости