Сите пратеници од коалицијата Европски фронт ставија потпис на предлог-законското решение за затворање на сите објекти за игри на среќа, освен во хотелите со 5 ѕвездички, изјави денеска во Собранието, Елми Азири, координатор на пратеничката група на коалицијата, а на прес-конференцијата беше придружуван од уште неколкумина пратеници.
-За овој предлог кој вчера го пуштивме во собраниска процедура, денеска ги депонираа своите потписи и колегите од другите коалициски партии. Со предложените измени се предвидува затворање на сите објекти за игри на среќа во нашите населби и нивно работење само во хотели со пет ѕвездички. Со овој закон, казината, обложувалниците и другите објекти за коцкање ќе бидат отстранети од нашите училишта, села и населби, а ќе останат само тие во хотелите со пет ѕвезди – рече Aзири.
Тој нагласи дека на овој начин Европски фронт сака да ги заштити малолетниците и разните социјални категории на граѓани, како и граѓаните од оваа појава која секојдневно го загрозува и населението и самото општество.
-Ги повикуваме пратениците на коалицијата Вреди да се придружат на нашиот предлог и да ги реализираат ветувањата дадени во предизборната кампања за затворање на казината. Ги повикуваме и да побараат од нивните партнери од парламентарното мнозинство да го поддржат законот и во фазата на предлог и за време на гласањето на седницата. Очекуваме поддршка и од пратениците на другите парламентарни партии кои го сакаат најдоброто за граѓаните – рече Азири.