Господ да е на помош на сите што ќе овозможат да се донесат нови пари во Македонија. Али тие пари мора да бидат употребени за продуктивни нешта. Тоа е ставот на Стопанската комора како најголема бизнис асоцијација. Значи, можат и може државата да се задолжува во наредниот период, но само за продуктивни цели. Овие искуства што ги имавме досега не обврзуваат и зборуваат дека на тоа треба да се опстане.
Ова е ставот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески по вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски за поволен заем од една милијарда евра.
Што се однесува до изјавата на Мицкоски за „Бехтел и Енка“ дека ќе има ревизија на договорот, Азески се надева дека таа е дадена во согласност со нашите заложби за континуитет на правните договори што ги склучила претходната влада и ако се работи за подобрување во интерес на бизнисот, ние ќе ја поддржиме таа работа.
Ако не, бараме да се остане на она што е, истакна Азески. Секој што ќе дојде, напомена, ќе биде соодветно пречекан во Комората. -Штом некој решил да дојде, значи дека има потреба за тоа.
Ќе ги поддржиме, тие се значајни компании, меѓутоа, ако има проблеми во имплементацијата, ќе процениме каде и што е потребно да направиме.
Главно, ќе бидат поддржани компаниите што работат во согласност со законите, ќе бидат санкционирани тие што не работат во согласност со законите и прават прекршоци, рече Азески.
Мицкоски вчера изјави дека за договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – да се раскине или да се репреговара. -За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции.
Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот.
Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одерена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми.
Мојата порака е дека како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме, рече Мицкоски.