Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и претседателот на Унијата на турските комори и стокови берзи (ТОББ) Рифад Хисарчиклиоглу, на работната средба во Анкара договорија неколку долгорочни заеднички деловни активности. Пријателскиот однос на Хисарчиклиоглу кон Стопанската комора и пред се кон претседателот Азески и неговите лични заложби се потврдија и овој пат.
1.
Комората по повод 100 годишнината добива две канцеларии во турското претставништво во Брисел за потребите на СКСМ, со целокупната логистичка поддршка за непречено континуирано функционирање, и покриени финансиски трошоци за истите.
2.
Двајца вработени во Стопанската комора бесплатно ќе ги завршат докторските студии на престижниот Универзитет за економија и технологија ТОББ ЕТУ во Анкара.
3.
Двајца вработени во Стопанската комора бесплатно ќе заминат на стручно усовршување во одделот за меѓународна соработка и извоз во Унијата на турските комори и стокови берзи (ТОББ).
4.
Во улога на ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум Азески со Хисарчиклиоглу договори на 14 јули 2022 година во Охрид да се потпише договор за долгорочна соработка помеѓу регионалната бизнис асоцијација КИФ со седиште во Трст, формирана со имплементацијата на заклучоците од „Берлинскиот процес“ и Унијата на турските комори и стокови берзи (ТОББ), највисокото правно лице во Турција кое има 365 членови во форма на локални стопански комори, индустрија, трговија и индустрија, поморска трговија и стоковни берзи во 81 провинција и 160 окрузи во Турција. во насока на развивање и продлабочување на деловните активности помеѓу двете бизнис асоцијации.
На средбата во Анкара претседателот на Комората Азески и претседателот на Унијата на турските комори и стокови берзи (ТОББ) Хисарчиклиоглу, разменија мислења за состојбите со кои се соочува економијата во глобални рамки по здравствената и економската криза на која се надоврза и енергетската, главно предизвикана од руско украинскиот конфликт, што во целост наметна мулти кризна состојба во светот. Во таа насока денеска се реализира и деловна средба со група истакнати бизнисмени од Турција.
Регионалната деловна активност на претседателот Азески и ко-претседател на КИФ започна во понеделникот со работен ручек со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на која се разговараше за клучните прашања поврзани со регионалната економска соработка, и перспективите за продолжувањето на процесот на воспоставувањето на заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, кој во изминатата година не се реализираше со посакуваната динамика.
Во понеделник (25.4.2022 г.), претседателот ќе биде панелист на 5. Јахорина Бизнис форум со повеќе од 550 домашни и странски бизнисмени, кој се одржува под покровителство на претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, на панелот – „Отворен Балкан“ како единствен претставник на Коморите од регионот.
Средбите и активностите се во пресрет на состанокот на Бизнис платформата Западен Балкан-ЕУ (основана со цел да обезбеди континуиран и структуриран дијалог меѓу носителите на одлуки на ЕУ и бизнис заедницата од регионот), кој Коморскиот инвестициски форум го организира следната недела во Брисел, во присуство на комесарот Вархеји и различните директорати во Европската комисија, претставници на Регионалниот совет за соработка – (РСС), ЦЕФТА Секретаријат, Транспортната заедница и Еурочембрес. На состанокот ќе се дискутира за клучните очекувања и барања на бизнис заедницата од регионот, по една ипол година од спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар.
ПР текст