Во рамките на засилените активности преку непосредни контакти со бизнисмените, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, денеска во Битола ќе разговара со раководствата на регионалните комори во Битола и во Прилеп. Состојбите налагаат контактите да бидат секојдневни бидејќи ситуацијата се менува од ден на ден. Сепак, основните приоритети опстојуваат и натаму и ќе бидат во фокусот на интересирањата.
Дефинирање модел за поддршка за потрошената електрична енергија бидејќи безусловно најголем проблем за сите компании е скапата струја, поради што сметките им се зголемени и до трипати, а поскапувањето и на нафтата ја подигнува цената на транспортот, што придонесува за драстичен пораст и на крајната цена на производот.
Олеснување и намалување на времетраењето на административните постапки за градежни дозволи за поставување фотоволтаици за сопствено производство, за да се обезбеди за краток период поевтина струја.
Континуираниот раст на цените на суровините на светските берзи ги поскапува крајните производи и негативно се одразува врз конкурентноста на македонските производи на странските пазари.
Моделот на јавните набавки, кој, поради фиксните цени, ги прави проектите неодржливи и кој води до колапс наа компаниите од градежниот сектор, а во другите дејности (прехранбената, металната и електроиндустријата и сл.) се најавува откажување на тендерите или носење одлуки да не се учествува на јавните набавки.
Стабилна даночна политика до крајот на годината заради обезбедување каква-таква сигурност за бизнисот во услови на голема неизвесност и непредвидливост.
Паралелно со актуелните интервентни приоритети за бизнисот во услови на глобална мултикриза, на средбата ќе стане збор и за регионалните капитални проекти, кои мора да бидат приоритетно дефинирани затоа што се во интерес на развојот на целата држава.