Азески се запозна со ограничувачките фактори за развој на „Макстил“ и развојните планови на „Реплек“

by Fokus

Снабдувањето со енергенси, транспортот и имотно-правните односи кои се ограничувачки фактор за раст и развој на компанијатa Макстил, беа тема на разговор на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески со генералниот директор Иван Бановски и извршниот директор Петар Јаневски.

Азески со тим на комората вчера ја посети  „Макстил“, која е една од носечките компании на промените во техничкиот и технолошкиот развој на металната индустрија во нашата држава.

Од комората посочуваат дека заради природата на дејноста „Макстил АД“ е упатена на користење на железничкиот транспорт, а квалитетот на железничката инфраструктурна поврзаност на Република Северна Македонија со соседните држави, како и неговата цена, имаат значајна улога во реализација на нови бизнис планови за зголемувањето на обемот на производство и извоз од државата. „Макстил“, се соочува со проблеми на цената на гасот и воопшто со можноста за снабдување за компанијата, што е императив за одржување на континуитет на производниот процес и актуелната неизвесност која произлегува од истото сериозно го нарушува натамошниот континуитет во производството, укажуваат од комората.

Оттаму наведуваат дека исправена пред предизвиците и потребите од постојано следење на пазарните трендови, компанијата врши постојани вложувања во двата погона: „Челичарница“ и „Валавница“ за дебели лимови. Главен влезен материјал при производство на челикот е старото железо. Има типичен капацитет од близу 350.000 тони топловалани дебели лимови годишно. „Макстил АД“ е основана во 1997, по сопственичкото преструктуирање на Рудници и железарница „Скопје“, која почна со производство во 1967 година, а во моментов компанијата има 970 вработени.

Азески вчера во просториите на Комората оствари работна средба и со менаџментот на „Реплек АД“, на која присуствуваа извршниот директор Душан Пецовски и заменикот на извршниот директор Коста Котески.

-На средбата е преставена новата сопственичка и раководна структура во една од поголемите фармацевтски компании во земјата. Менаџментот на „Реплек АД“ изрази интерес за ширење на бизнис портфолиото и во регионот на Западен Балкан, за што секако поддршката има можност и простор да се реализира преку активностите на Коморскиот инвестициски форум, во кој Стопанската комора е единствената бизнис асоцијација од државата дел од 6-те партнери Стопански Комори од ЗБ6, информираат од комората.

Од веледрогерија или друштво за медицинско снабдување, увоз и извоз основано во 1945, кое во тоа време претставуваше синоним за работењето со лекови, медицински помагала и медицинска опрема, преку постепено развивање и ширење на своите активности и истовремено користење на искуството, знаењето и хармонизација на работењето со условите на пазарот, денес, после 71 година, РЕПЛЕК АД со помош на сопствени ресурси и капитал, прерасна во една од поголемите фармацевтски компании во земјата.

Основна дејност на компанијата, од 2001 година, е развој, креирање и производство на генерички лекови во различни терапевтски категории и форми. Главната активност е извоз на странски пазари. Идните развојни планови на компанијата, потенцираат од комората, главно се фокусирани на понатамошно ширење на меѓународниот пазар и развој на палетата на производи од канабис во кој Реплек фарм е пионер и на глобално ниво. Новата модерна лабораторија за истражување и развој, високо образованите експерти, соработката со водечки домашни и меѓународни институции во областа на фармацевтската технологија, изборот на суровини од водечки производители на фармацевтски активни супстанции, овозможуваат производство на медицински производи со врвен квалитет во компанијата.

Поврзани новости