Азески: Преку заеднички проекти со Србија до 1,5 милијарда долари трговска размена

by Fokus

Добрите економски и билатерални односи меѓу Србија и Северна Македонија може дополнително да се унапредат со јакнење на динамиката и темпото на работа за изедначување на деловното опкружување и постигнување поголема вредност на регионот како една дестинација за инвестирање пред меѓународните пазари и институции, вели претседателот на Стопанската комора и ко-престедател на Коморскиот инвестициски форум Бранко Азески во интервју за српскиот дневен весник „Вечерни новости“.

Ова, како што истакнува, може да се направи преку заеднички проекти и заеднички инвестиции на сродни компании од двете земји, преку унапредување и продлабочување на економската соработка.

-Еден од општите предуслови за поттикнување и продлабочување на трговско-економската соработка во регионот е развиената патна и железничка инфраструктура, како што е автопатот низ Грделичката клисура и изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица. Претстои реконструкција на железничките линии, што ќе овозможи забрзан проток на луѓе и стоки, посочува Азески.

Србија, додава, е наш трет трговски партнер, веднаш зад Германија и Велика Британија. Во 2020 година реализирана е трговска размена меѓу двете земји во вредност од 781,4 милиони долари што е за 8,6 отсто помалку поради Корона кризата.

-Постои голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу бизнис секторот, особено во областа на иновациите, новите технологии, подобрувањето на услугите и производите за полесен пристап до трети пазари. Традиционалните сектори во кои економските врски се добри, но исто така можат да бидат и поинтензивни, се земјоделско-прехранбената, металната и електричната индустрија, како и фармацијата, констатира Азески.

Според него, охрабрувачки е податокот дека во првите месеци од 2021 година трговијата расте.

-Целта е да се удвои и да се врати на нивото од 2008 година, кога била реализирана трговска размена во вкупна вредност од 1,5 милијарди долари, порачува Азески и посочува дека тоа може да се направи преку заеднички проекти и заеднички инвестиции на сродни компании од двете земји.

Поврзани новости