Прв пат во својата едно вековна традиција на постоење Стопанската комора на Северна Македонија доделува награда за личности кои најмногу допринеле за регионална бизнис интеграција, изразувајќи на тој начин длабока почит кон креирањето на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.
Досега имало повеќе иницијативи за натамошен регионален развој на овие простори, но завршиле неуспешно. Сите тие се надворешни иницијативи. Отворен Балкан е концепт кој е подржан токму од внатре, од политичките лидери во земјите кои се дел од процесот, но уште повеќе од компаниите кои имаат нужна потреба за поблиска соработка, поврзување, заеднички настап на трети пазари, како интра-регионален процес од кој економски бенефит ќе има целиот регион.
Искрените заложби на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија Еди Рама, поранешниот премиер на Република Северна Македонија со мандат 2017 – 2021 година Зоран Заев, актуелниот премиер на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски кој ги продолжи заложбите за натамошно развивање и креирање на Иницијативата за единствен пазар преку создавање економска зона која дополнително ќе ги подобри политичките и економските односи и ќе ги зајакне врските меѓу народите и бизнисите, е препознаена и наградена од Стопанската комора и заслужува највисока почит.
Во таа чест, врз основа на член 25 од Статутот на Стопанската комора на Северна Македонија и Одлука за определување на награди што ќе бидат доделени по повод 100 годишнината од постоењето на СКСМ од 28.02.2022 година, Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, на седницата одржана на 19.05.2022 година донесе: Одлука за доделување на Награда на Стопанската комора на Северна Македонија за личности кои најмногу допринеле за регионална бизнис интеграција на Александар Вучиќ, претседател на Република Србија; Еди Рама, претседател на Владата на Република Албанија; Зоран Заев, претседател на Владата на Република Северна Македонија (2017-2021) и д-р Димитар Ковачевски, претседател на Владата на Република Северна Македонија.
Наградата се доделува за особен придонес кон креирањето и продолжувањето на регионалната иницијатива насловена како „Отворен Балкан“, која има за цел да го промовира и да го развива капацитетот на регионот, преку имплементирање на четирите слободи (слобода за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот).
Наградата опфаќа Голема плакета во чест на одбележување на 100 години од формирањето на Стопанската комора.
ПР текст