Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави оти Србија повеќе нема да може да смета на 1,7 милиони кубни метри гас од Азербејџан, колку што оваа земја ѝ испорачува на дневна основа.
На денешната прес-конференција, тој рече дека добиле известување од Азербејџан дека поради проблемите што ги имаат, нема да може да ја продолжат испораката на гас за Србија, а оти не се знае ниту кога би можела да продолжи.
„Добив известување од нашите браќа и пријатели од Азербејџан дека поради виша сила и проблемите што ги имаат, од денеска повеќе не можеме да сметаме на 1,7 милиони кубни метри гас што доаѓаа во нашата земја“, рече Вучиќ на прес-конференцијата по средбата со американскиот заменик-државен секретар за управување и ресурси Ричард Верма.
Додаде дека од денеска Србија многу посериозно ќе почне да ги троши своите резерви.
„Сега се испостави паметно тоа што правевме резерви. Се надевам дека за месец-два ќе го поправат ова. Ако не се случи тоа, сметајте дека во наредните четири месеци ќе мораме да собереме и да ги потрошиме резервите“, нагласи Вучиќ.
Српскиот претседател уверува дека во земјата нема да има недостиг на гас или нафта.
Одлуката на Азербејџан доаѓа еден ден откако САД ја ставија Нафтената индустрија на Србија (НИС) на листата на санкции поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради поврзаноста со руски „Гаспром нефт“.