Патнички автомобил прегази девојче во центарот На Неготино, на главната улица Маршал Тито, пред Основниот суд.
Очевидците на настанот велат дека слушнале тап и силен удар и пискот, по што автомобилот кој го удрил девојчето запрел.
Веднаш била повикана итна медицинска помош и полиција излезе на местото на настанот.
Девојчето е пренесено во ЈЗУ Неготино, а моментално се врши увид на местото на настанот.
Улиците Маршал Тито и Партизанска во центарот на градот се место за кое со години наназад граѓаните апелираат да се стави сообраќаен ред. Се вози пребргу, нема легнати полицајци и покрај сите барања на граѓаните. Посебно ноќе, овие улици се како писта за трка.
Редовни се поплаките на граѓаните кои живеат таму, а минатиот месец и градоначалникот д-р Горан Стојанов апелираше до граѓаните да ги почитуваат законите и да возат со дозволена брзина.
Тогаш тој ни изјави дека во разговор со надлежни лица од Полициската станица било одлучено секоја вечер на раскрсницата помеѓу овие улици да има дежурна полициска екипа, но барем до сега, не е забележано присуство на полицијата.
Со децении наназад се бара и поставување на легнати полицајци или било какви успорувачи на брзини, но барањата на граѓаните не се исполнети.
Вики Клинчарова