Телефон спаси тешко повреден возач во сообраќајна незгода на магистралниот пат Велес – Штип . Утрово во 04:20 часот на Единствениот европски број за итни случаи 112 во ЦУК пристигна говорна порака на англиски јазик од автоматска секретарка на мобилен телефон, најавувајки сообраќајна незгода. Благодарение на најновата технологија,телефонот овозможува при излетување на возило, до Единствениот европски број за итни случаи 112 да стигнува автоматска порака дека во моментот се случува незгода.
Од ЦУК информираат дека повреденото лице поради сериозноста на повредите е пренесено во Хируршките клиники во Скопје, но токму поради автоматската порака, успеале навреме да реагираат и да го спасат возачот, кој бил заглавен во возилото.
„Неговиот телефон, од поновите модели Ајфон 14, автоматски детектирал удар и испратил порака до нашиот Центар во 112. Операторот ја преслушал пораката која била на англиски јазик и воедно ги добил координатите каде што имало индиции дека се случила некаква несреќа. Веднаш потоа стапиле во контакт со МВР, па полициска патрола веднаш се упатила на местото за кое имавме инција. Патролата за кратко дошла на местото по координатите кои ги дала 112 и таму го нашле возилото излетано од пат и човекот кој бил сериозно повреден“, изјави Стојанче Ангелов доректор на Центарот за управување со кризи.
Опцијата за препознавање на незгода, фукционира на тој начин што кога телефонот ќе ја детектира незгодата се огласува со аларм и прикажува предупредување на екранот. Ако сте во можност, можете да изберете да повикате служби за итни случаи , а доколку не можете да одговорите, вашиот уред автоматски ги повикува службите, испраќајки им порака, како и координати за лоцирање.
Без разлика на оперативниот систем на смарт телефонот , постојат повеќе апликации и опции за во итни ситуации, доколку повреденото лице не е во состојба да повика помош, на брз начин да го добие бројот 112.