Автобус на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ денеска се запалил на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Општина Бутел. Информацијата за „360 степени“ ја потврди директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски.
Тој вели дека во автобусот, во моментот кога се запалил, немало патници.
Автобусот, како што вели Кушовски, прво се расипал, по што била повикана сервисна служба од Претпријатието, но додека таа да стигне возилото се запалило.
Според неофицијалните информации, до запалување на автобусот дошло поради неисправна електрична инсталација.
Директорот вели дека случајот го истражува МВР и оти треба да се почека официјалниот извештај за причината за запалување на автобусот.
И од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје потврдуваат дека интервенирале со едно возило и го изгаснале пожарот на запалениот автобус на ЈСП на крстосницата на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ и улицата „Ферид Бајрам“ во населбата Бутел.
Автобусот што денеска изгоре е од обичните, едноспратни, што беа донесени од Украина.
Инаку, ова е втор автобус на ЈСП „Скопје“ што се запали во последниве десетина дена. Пред девет дена автобус се запали и кај Железничката станица во Скопје. Според првичните информации, пожарот избил во задниот дел кај моторот, по што веднаш била повикана Противпожарна бригада.