618
Во Кривичниот суд Скопје денешното рочиште за случајот „Ласкарци” започна со вкрстено испитување на градежниот вештак од страна на одбраната на обвинетите.
Одбраната поставуваше прашања за брзината, аголот и силата што би ги поднела оградата за да го спречи автобусот да излета од патот.
Вештакот потврди дека се утврдени неправилности при изготвувањето на тој дел од патот, како и дека потоа не е соодветно одржуван.
Во однос на заштрафувањето на одбојниците беше заклучено дека не биле ставени доволно штрафови и оти би биле многу поцврсти доколку биле поставени на бетон, наместо на земја.
Еден од адвокатите на обвинетите го праша сведокот дали работи во Гранит, фирмата која го има правено тој дел од патот. Тој потврди, но напомена дека при вештачењето ги има нотирано сите воочени неправилности.
Исто така, го праша и дали му е истечена лиценцата за работа, на што вештакот одговори дека немаат доволно вработени и оти одземањето на лиценцата е поврзано со тоа.
Обвинителот реагираше дека одбраната на обвинетите само се обидува да го дискредитира вештакот.
Адвокатите на обвинетите нагласија дека вештакот во неколку наврати одговара спротивно од она што го има наведено во вештачењето и побараа сведокот да се потпише и на денешниот извештај од испрашувањето.
Го прашаа што значи тоа дека доколку ги немало неправилностите при изградбата ќе се сменел текот на случувањата при несреќата, по што тој појасни дека автобусот би удрил подолу каде што постојат само првата и третата ограда, несреќата ќе се случела, но под други околности.
На крајот обвинителот го праша сведокот дали во секоја можна околност би се случила несреќата, земајќи ги предвид, аголот, јачината и брзината на возилото, на што вештакот одговори дека ќе се случела бидејќи автобусот удрил со јачина околу 10 пати поголема од онаа што може да ја одбие оградата.
По паузата рочиштето продолжува со изведување на материјални докази од обвинителството.
Во тешката сообраќајна несреќа што се случи лани на 13 февруари животот го загубија 16 лица, а 37 беа повредени.