Судот во австрискиот град Линц осудил угостител со македонско потекло на парична казна од 2400 евра поради прекршување на карантинот.
На угостителот му останале уште два дена од карантинот, но излегол да го прошета неговото куче ротвајлер во блиската шума, и сега тоа скапо ќе го чини.
Тој со сопругата во ноември се вратиле од одмор од Македонија, но при враќањето неговата жена била позитивна на Ковид-19, а тој како прв контакт морал да оди во карантин. Подоцна и тој бил позитивен на тест откако развил благи симптоми на болеста. По поминати осум дена, односно на два дена од истекот на наложениот карантин тој го прекршил законот.
Полицијата дошла до зградата во која живеел и го повикала на мобилен да се покаже на прозорецот, но тој токму тогаш бил излезен со кучето за што и кажал на полицијата, по што му напишале пријава.
Државниот обвинител кажал дека прошетката со ротвајлерот можела многу брзо да доведе до судир со други кучиња и тогаш би било тешко да се одржи растојанието од други сопственици на кучиња.
Судот му одредил парична казна при што во одредувањето на висината на казната ја зел предвид и тешката сититуација на угостителот, а тој најавил жалба бидејќи му се чинела превисока.