Австриски сајт ја пронашол жената од видеото во Виена: Тоа не е Данка, туку мојата ќерка!

by Fokus

Врз основа на видеото снимено од Србин кој живее во Виена, низ Австрија со денови трае потрагата по две жени од Романија и едно дете осомничени за исчезнатата Данка Илиќ од Бор, во Србија.

Но, мистеријата ја разреши, како што тврди, австрискиот сајт „Космо“, кој наведува дека жените од видеото немаат никаква врска со киднапирањето на детето!

Сајтт стапил во контакт со АЦС (36), романска државјанка која живее и работи во Виена. Очекувано, младата жена била многу нервозна:

„Што да им кажам? Од неделата сум во пеколот! Бев во Велс кога во текот на ноќта добив неколку пораки дека на сите социјални мрежи, на телевизиите во Романија и Србија се споделува видео со моја слика и дека ме бараат поради исчезнато дете. Во неделата веднаш отидов во полиција во Велс и побарав помош, но тие ме испратија дома и ме советуваа да се пријавам во полиција во Виена, во мојот округ. Вчера отидов во полиција и побарав да ми помогнат и да ме заштитат, да го заштитат моето дете и мајка ми. Само што ме испратија дома. Денеска ситуацијата стана алармантна бидејќи моето лице беше лесно препознатливо во сите медиуми. Бев многу исплашена“ – рекла таа.

Разговорот бил многу емотивен и тежок бидејќи била во страшен шок. Размислува само што би можело да се случи доколку ја препознаат на улица и повикаат полиција.

„Тоа низ кое поминувам е страшно! Никој на светот не може да разбере каков кошмар е ова! Можев да умрам невино. Јас сум мајка, сочувствувам со детето од Србија и би сакала да го најдат. Но, она што го поминувам со мајка ми е исто толку страшно! Сега ми дојде полиција дома, им кажав се и на крајот ми се извинија за маките што ги претрпев. Ме замолија утре да дојдам кај нив да го потпишам протоколот. Сакам само оваа приказна да остане зад мене и да се обидам да ја заборавам“ – нагласила Романката.

Поврзани новости