Австриската полиција објави нови фотографии – постои сличност со исчезнатата Данка и сомнеж за киднапирање

by fokus

Виенската полиција денеска по налог на јавниот обвинител на Австрија објави нови фотографии на кои се гледа девојчето кое личи на исчезнатата Данка Илиќ.

Како што се наведува во полициското соопштение, налогот е издаден бидејќи постои сомнеж за киднапирање на дете, а воедно се повикуваат сите кои ги познаваат жените или знаат каде се наоѓаат веднаш да се обратат во полиција.

Во соопштението се наведува дека на 30 март државјанин на Србија, кој работи во Виена, им пријавил на српските власти дека снимил девојче кое личи на исчезнатата Данка Илиќ. Српските власти тогаш случајот го пријавиле кај австриските колеги, кои реагирале, а денеска виенската полиција објави ново соопштение.

-Откако роднините на исчезнатото девојче ги прегледале сликите и констатирале дека постои голема веројатност да се работи за девојчето од Србија, виенската полиција по наредба на јавен обвинител објавила нови фотографии. Се замолуваат сите граѓани кои имаат какви било информации за жените или детето од видеото да се обратат во најблиската полициска станица, се вели во соопштението.

Данка Илиќ исчезна на 26 март во близина на Бањско Поље во Бор, а потрагата по неа трае оттогаш.

По неа е распишана потерница од Интерпол, а поради нејзиното исчезнување за прв пат во Србија е активиран системот „Најди ме“.

Поврзани новости