Австриската фирма„АММА ДОО Хоенемс“ која не може да си наплати отштета од валандовска фирма за корнишни, а за која вчера остра реакција исправи и австрискиот амбасадор, поднела три кривични пријави до Јавното обвинителство.
Иако „Фокус“ на почетокот на јуни кога објави за спорот меѓу двете фирми испрати прашања до Обвинителството до каде се кривичните пријави што ги поднела австриската фирма, не доби одговор, сега Обвинителството испрати соопштение во кое детално наведува кога се поднесени кривичните пријави и дали се постапува.
Според податоците од Обвинителство, првата пријава австриската фирма ја поднела до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело – Измама и Злоупотреба на службена положба.
Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи утврдил дека нема елементи на наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените воделе постапка која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија.
По поднесена жалба, предметот е во Виштото јавно обвинителство Скопје. Но, австриската фирма не застанала тука, поднела пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело – Оштетување или повластување на доверители и уште една до скопското обвинителство за вработени во Агенцијата за катастар.
-Пријавата е примена на 26.05.2023 година и надлежниот јавен обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба ќе нареди и соодветни вештачења. До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, истото правно лице на 23.06.2023 година поднесе кривична пријава против НН службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за Несовесно работење во службата, Фалсификување службена исправа и Компјутерски фалсификат.
Пријавата веќе е распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејствија со цел да се испитаат наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители. Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави се постапува исклучително ажурно, објаснуваат од Обвинителството.
Австрискиот амбасадор, Георг Вуцас вчера во допис до медиумите отворено посочи дека компанијата „Дена продукт“ од Валандово влијаела да не се наплати долгот и дека фирмата е поврзана со поранешниот премиер, Зоран Заев. Всушност, сопственик на компанијата е Атанас Костов, сопруг на братучетката на Заев, Емилија Заева-Костова, на чија фирма „Глобал трејд“ биле префрлани пари од валандовската компанија.
За случајот „Фокус“ пишуваше на 1 јуни, но немаше никаква реакција од институциите се до писмото на австрискиот амбасадор.
Ф.Ф.С.