Со новите Ковид протоколи во Велика Британија, целосно вакцинираните лица, согласно утврдените британски правила за вакцина-сертификат, повеќе нема потреба да прават тест за Ковид-19 ниту пред, ниту откако ќе пристигнат во земјата. Сепак, останува обврската за пополнување на формуларот за лоцирање на патници.
Македонските државјани може да влезат и во Франција доколку се вакцинирани, односно примиле една од следниве вакцини: Pfizer, Moderna, AstraZeneca/Vaxzevria/Covishield et Johnson & Johnson, под одредени услови.
Во меѓувреме, Германија планира да ги укине сите епидемиолошки мерки, тврди весникот „Билд“.
Весникот наведува дека премиерите на покраините веќе подготвиле одлука со која се предвидува план за олеснување на мерките во три чекори.
Прво, ќе се ублажат мерките што се однесуваат на прославата во приватна средина. Се планира и укинување на контролата на статусот на вакцини за влез во продавниците, а од 4 март треба да се укинат рестрикциите за угостителство и хотели. Исто така, се планира отворање на ноќните клубови.
Во Австрија, пак, една недела по стапувањето во сила на Законот за задолжителна вакцинација, под голем притисок на гувернерите на провинциите, австрискиот канцелар Карл Нехамер првпат најави можност за отстапување од оваа мерка.
Тој за весникот „Кронен цајтунг“ изјави дека не ја исклучува можноста за укинување на Законот за задолжителна вакцинација.