Австрија никогаш нема да и одобри на Украина статус на земја-кандидат за членство во ЕУ на сметка на земјите од Западен Балкан, изјави претседателот на австрискиот Парламент, Волфганг Соботка.
-Австрија никогаш нема да го поддржи тоа, нагласи Соботка во интервју за агенцијата АПА.
Тој посочи дека за Австрија е важно сите земји од Западен Балкан не само да имаат европска перспектива, туку и да им се покаже начинот на кој можат да влезат во ЕУ.
Тој потсети дека австрискиот канцелар Карл Нехамер јасно ставил до знаење дека нема да има брз пристапен процес за Украина.
За австрискиот предлог за пристапниот процес, Соботка рече дека тој е добар за земјите од Западен Балкан.
Според него, полноправното членство во ЕУ, според предложениот австриски модел, нема да биде тргнато од масата, туку, напротив, вели тој.
-Процесот го водат земји кои сакаат да се приклучат. Ако ги исполнуваат сите услови, тогаш ќе бидат членки, објасни тој.
Истовремено, тој го критикуваше актуелниот пристапен процес со 35 поглавја, во кои, посочува, „преговорите се водат на неодредено време без да им се покаже перспектива на граѓаните“.
Покрај тоа, вели Соботка, австрискиот „нон-пејпер“ црпи поуки од претходните процеси на пристапување.
-Бугарија и Романија се приклучија по многу краток период и сакаа да решат повеќе прашања, како што е владеењето на правото. Не сакаме ваква ситуација по вторпат, објасни тој.
Соботка нагласи дека во Западен Балкан, на пример, Србија на полето на фактичката економска интеграција со земјите од ЕУ стигна значајно далеку отколку во однос на владеењето на правото.
Според австрискиот предлог, додава тој, треба да биде можно, дури и пред да се исполнат предусловите, на пример во областа на владеењето на правото, да се спроведе официјална и легална економска интеграција.
„Нон-пејперот“, тврди тој, затоа е охрабрување за членките на ЕУ да не ги блокираат кандидатите на патот кон Унијата.
Тој оцени дека ветото на Бугарија против Северна Македонија е неподносливо и дека го нарушува угледот на ЕУ во регионот.
Австрискиот „нон-пејпер“ е добар за спречување на вакви блокади, оцени тој.