Австрија ќе ја тужат 2.500 туристи поради зараза со коронавирусот во скијачки центар

by Fokus

Австрија се соочува со групна тужба од околу 2.500 туристи, поради лошиот пристап за време на пандемија на коронавирусот, во популарниот австриски скијачки центар Ишгл во Тирол, пишува Си-ен-ен.

Скијачкиот центар Ишгл е веќе под истрага од локалните власти во Инсбрук, откако стотици случаи биле поврзани токму со тој скијачки центар.

Власта во Тирол е обвинета за тоа што многу доцна реагирала на првите знаци на инфекција, особено во Ишгл, што придонело вирусот да се рашири низ Европа, но и останатиот дел од светот.

Австриското здружение за заштита на потрошувачите изјави дека властите се одговорни за доцната реакција во почетокот на ширењето на пандемијата. Здружението исто така истакна дека откако на нивната веб-страница упатило повик за дејствување се јавиле околу 2.500 луѓе, а 80 отсто од нив биле Германци. Од Си-ен-ен стапиле во контакт со здружението, кое им кажало дека тие поднеле барање до обвинителството во Инсбрук.

Портпаролот на обвинителот Хансјорг Мајер потврди за Си-ен-ен дека добиле пријава и дека полицијата започнала со истрагата.

-Речиси сите се поврзани со Ишгл. Голем број од тие луѓе се во самоизолација, изјави портпаролот.

Здружението за заштита на потрошувачите пред сè поднело приговор за работата на градоначалникот на Тирол, Гунтер Платер, но и против компаниите што ја одржуваат жичарницата до ски-центарот и некои други владини претставници.

Здружението испратило апел низ Европа, до можните жртви за кои се верува дека се заразиле во Тирол.

-Ако сте биле во скијачките центри Ишгл, Пазнаунтал, Сент Антон ам Алберт, Солден или Зилертал од 5 март натаму и ако сте дијагностицирани со коронавирус, тогаш имате право да побарате отштета од тиролските власти, како и од Република Австрија, ако покажете доказ за небрежност преку релевантни кривични извештаи, објави здружението на својата веб-страница.

Исто така додаваат дека глобалната пандемија е виша сила и дека никој не може да биде одговорен за штетата. Сепак, сметаат дека отворениот скијачки центар е доволна причина за барање отштета, иако властите знале за заканата од масовната инфекција.

-Здружението за заштита на потрошувачите ги доставува фактите до кабинетот на јавниот обвинител во Виена против тиролските власти. Јавниот обвинител ќе треба да ги разгледа и ако нешто тргне наопаку, да утврди што било точно, пишува во соопштението.

Си-ен-ен разговараше и со канцеларијата на главниот обвинител во Инсбрук, од каде што изјавија дека полицијата во Тирол имала наредба да спроведе истрага за евентуалните небрежности и загрозување на луѓето. Се истражува посебно дали една од компаниите за кетеринг криела дека еден од вработените бил позитивиен на коронавирус кон крајот на февруари.

Од канцеларијата на тиролскиот гувернер Гунтер Платер за Си-ен-ен изјавија дека светот се соочува со кризна состојба и дека управувањето со кризата во моментов е приоритет, но исто така дека ќе биде важно да се тестираат сите мерки низ светот, па и во Тирол за да се утврди каде се грешките и кои структури треба да се променат.

Платер изјави дека тиролските здравствени власти, откако австриските власти дознале на 5 март дека туристите од Исланд можеби се заразени, веднаш контактирале со доктор од Ишгл и побарале од хотелот список на гости од Исланд.

Докторот од скијачкиот центар изјави дека не забележал вработен или други луѓе со симптоми на грип во својата ординација.

„Сепак, здравствените власти издадоа директива да се тестираат сите со симптоми слични на грип“, пишува во изјавата на гувернерот Платер.

Келнер од Германија во барот Китзлох е првата личност позитивна на коронавирусот откако се јавил на 7 март во лекарската ординација со симптоми на грип.

Властите веднаш наредиле опширно тестирање, што доведе до уште позитивни резултати.

Властите потоа изјавија дека ги презеле сите потребни мерки, како дезинфекција на барот и изолација на вработените и затворање на барот Китзлох, барот во кој се случило сè, откако вработените биле во карантин и позитивни на вирусот.

Владата на Тирол додава дека за кратко време ги затворила сите барови во Ишгл и по неколку дена прогласиле крај на туристичката зимска сезона и ги затвориле сите скијачки лифтови и хотели. Владата исто така изјави дека е првата австриска покраина со вакви мерки.

Целата долина Пазнаун е ставена во карантин од 13 март, а на 18 март Тирол издаде наредба за отворање карантин во 279 места.

Си-ен-ен се обиде да стапи во контакт со здравствените власти во Тирол, но тие ги упатиле во канцеларијата на Платер.

Ишгл и околните места имаат околу 500.000 посетители секоја зима, а таму скијаат и познати личности како Парис Хилтон, Наоми Кембел и Бил Клинтон.

Во Австрија засега се забележани повеќе од 10.000 случаи на коронавирусот, само во Тирол има 1.358 заразени, а починати се 158 лица.

Владата на Австрија објави дека ќе го забрани туристичкото користење на хотелите и рестораните до Велигден за да го спречи ширењето на коронавирусот. Освен тоа, мора задолжително да се носи маска кога се пазари.

Поврзани новости