Австрија денеска ги укинува граничните контроли кон сите соседи, освен кон Италија, најави министерот за надворешни работи Александар Шаленберг.
На вчерашната прес-конференција тој соопшти дека од денеска ќе бидат укинати граничните и здравствените контроли кон Германија, Лихтенштајн, Швајцарија, Словачка, Словенија, Чешка и Унгарија.
Лицата кои доаѓаат или се враќаат од овие седум земји веќе не подлежат на двонеделен карантин или негативен ПЦР тест.
За Италија, Шаленберг изјави дека остануваат ограничувањата и ситуацијата ќе биде повторно анализирана следната недела.
Тој, исто така, кажа дека е очигледно дека ситуацијата во Италија се подобрува и дека некои региони, како Јужен Тирол, повторно имаат добри здравствени резултати во однос на Ковид-19.
Австрија ја разгледува и опцијата да дозволи движење за жителите на одредени италијански региони.
Тој рече дека целта е да се отворат границите кон Италија, штом бројките тоа го дозволат.
Што се однесува до таканаречените трети земји, Шаленберг рече дека се залага за заедничко европско решение.