Пријатели и семејството на австралиската телевизиска новинарка Ченг Леи вчера повторно побараа нејзино ослободување од притворот во Кина. Поминаа точно 1.000 дена откако кинеските власти ја приведоа под обвинение за шпионажа.
Ченг, поранешен деловен директор на кинеската државна телевизија CGTN и мајка на две деца, е обвинета за незаконско испраќање државни тајни во странство.
За ова кривично дело во Кина е предвидена казна од пет години до доживотен затвор. Австралиските власти изразија загриженост поради сугестиите на аналитичарите дека затегнатите врски меѓу Канбера и Пекинг можеби дале поттик за матниот случај против неа, пишува Си-Ен-Ен.
На 13 август 2020 година утрото Ченг на оат кон работа беше „однесена од Министерството за државна безбедност на Кина“, рече нејзиниот партнер Ник Којл во писмо објавено во австралиски весник.
„Сега, 1.000 дена подоцна, сè уште не знаеме зошто е киднапирана, зошто е обвинета за намерно нарушување на националната безбедност и кога би можела повторно да биде со нас“, напиша тој.
Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг во објава на Твитер напиша:
„И покрај тоа што толку долго беше одвоена од семејството, таа покажа голема издржливост и храброст. Сите Австралијци сакаат да ја видат назад со нејзините деца“.
Вонг додаде дека нејзиното министерство ја споделува загриженоста на пријателите и семејството на новинарката за „тековните одложувања во нејзиниот случај“.
Кинеските власти не открија детали за обвиненијата против Ченг, а судењето се одвива зад затворени врати. На австралискиот амбасадор во Кина во март лани му беше одбиен влез на почетокот на судењето на Ченг во Пекинг, што тој го нарече „длабоко загрижувачки“.
Набргу откако Ченг беше приведена, двајца австралиски новинари кои работеа во Кина побегнаа од земјата бидејќи властите сакаа да ги испрашаат. Австралиските медиуми првпат по речиси 50 години останаа без ниту еден новинар во Кина. Сè уште има неколку австралиски новинари кои работат во Кина, сите тие се вработени во не-австралиски медиумски компании.