Ниту една од комерцијалните телевизии не успеа целосно да го спроведе принципот за известување пропорционално на бројот на потврдени кандидатски листи и интензитетот на кампањата, покажува анализата од Извештај од мониторингот на изборното медиумско претставување за време на Предвремените парламентарни избори 2020 година, што го претстави денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
– Некои од телевизиите одлучиле акцентот во известувањето да го стават врз петте учесници во изборната кампања коишто произлегуваат од последниот парламентарен состав и да ги занемарат останатите десет вонпарламентарни субјекти. Други телевизии, пак, одлучиле да известуваат и за вонпарламентарните учесници во кампањата, но притоа да се концентрираат на тоа да постигнат временски баланс меѓу двете најголеми коалиции – „Можеме“ и „Обнова на Македонија“, соопшти АВМУ.
Мониторингот покажал дека четирите програмски сервиси од Јавниот радиодифузен сервис, генерално обезбедиле избалансираност во вестите исполнувајќи ја двојната формула за поделба на времето во вестите, иако, наведуваат од АВМУ, беше нужно малку поголем дел да издвојат за дневните новости, за да можат да ја исполнат својата функција како јавен сервис – да ги пренесат релевантните информации за развојот на состојбата со Ковид-19 во сите делови од земјата.