Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро ги отфрла обвинувањата дадени во денешната изјава на портпаролката на СДСМ дека Агенцијата ја става партијата ВМРО ДПМНЕ во повластена положба и дека на Движењето БЕСА му се нанесува штета, реагираат денеска од Агенцијата.
-Движењето Беса, според листите на кандидати потврдени од Државната изборна комисија е дел од Коалицијата Можеме и според тоа може да добие минути за платено политичко рекламирање исклучиво во рамките на минутите доделени за оваа коалиција. Нацрт- верзија на Упатството за лимитите за платено политичко рекламирање беше изготвена пред речиси четири месеци, по што беше отворена јавна расправа и беа повикани сите заинтересирани страни да се произнесат по неговиот текст. До усвојувањето на Упатството на 19 јуни, ниту СДСМ ниту БЕСА не доставија какви било забелешки или предлози. Упатството е донесено едногласно од сите членови на Советот на Агенцијата. Инаку, распределбата на времето за платено политичко рекламирање во сегашното Упатство е направена на потполно идентичен начин како и за Претседателските избори 2019 година, имајќи предвид дека важи истата одредба од Изборниот законик. Во тој изборен циклус, кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски доби 4 минути, односно двојно повеќе време од кандидатите поддржани од опозицијата Гордана Силјановска и Блерим Река кои имаа по две минути. Тогаш, СДСМ немаше никакви забелешки или реакции во однос на распределените минути, а сега, иако е применета истата логика, изнесува неосновани обвинувања за Агенцијата, водејќи се од тесни партиски интереси, се вели во реакцијата на АВМУ.