Шестмина од независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласале „за“ предлогот на вчерашната собраниска седница измените во Кривичниот законик да се усвојат по скратена постапка. Меѓу нив се Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска Старова и Зекир Рамчиловиќ.
Елизабета Канческа Милевска и Крсто Муковски не присуствувале на седницата.
Одлуката за усвојување по скратена постапка ја поддржаа вкупно 66 пратеници, а само 18 беа против. Овие 18 пратеници се од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Но дел од овие пратеници иако биле присутни на седницата, сепак не гласале. Меѓу нив се: Трајко Вељановски, Емил Димитриев, Зоран Илиоски, Магдалена Манаскова, Горан Манојлоски и Антонио Милошоски.
Измените станаа контроверзни откако протече информација дека ќе се менува членот 353, кој се однесува на злоупотребата на службената положба при јавни набавки. Овие измени беа повлечени, па нови измени поднесени. Со новите измени кои треба да се изгласаат во петок се предвидува измена на членот 275-в од КЗ, кој се однесува за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набвки или јавно – приватно партнерство. Се измена на ставот 3 затворската казна ќе се намали од 5 на 4 години.