На Меѓународниот аеродром Скопје пристигна авионот од Дубаи со првата група евакуирани македонски државјани. Патниците ги пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Со овој организиран лет од Обединетите Арапски Емирати почна евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток, која ќе се реализира со комерцијални чартер-летови.
Како што информира денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање. Процесот е целосно координиран од Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва во регионот.
Според премиерот Христијан Мицкоски, организирани се чартер летови од Саудиска Арабија кои ќе ги прифатат македонските граѓани во Катар и Кувајт. Се очекува тие да пристигнат во среда.
„Деновиве се организирани вкупно четири чартер летови, со неколку десетици слободни места. Дел од државите во регионот замолија да пренесеме и нивни граѓани, да ги донесеме во Македонија“, изјави денеска Мицкоски.