Лет на „Easyjet“ од Крф до Лондон принудно слетал на аеродромот „Фиумичино“ во Рим поради силни турбуленции при што повредени се двајца членови на екипажот.
Авионот бил потресен од турбуленции околу 20 минути по полетувањето од грчкиот остров во понеделникот, а патниците тврдат дека авионот „паднал 200 метри“, објави денеска британски „Мирор“.
Според извештаите, двајца членови на екипажот се подготвувале да послужат храна кога поради турбуленции удриле во ѕидовите на авионот, а еден од нив си ја скршил ногата.
„На летот на 19 август имаше турбуленции во кои, за жал, беа повредени двајца членови на кабинскиот екипаж. Како резултат на тоа, капетанот одлучил да го пренасочи летот во Рим, каде на стјуардесите им била укажана лекарска помош“, објави „Easyjet“.
Италијанската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај АНСВ објави дека покренала истрага за да утврди дали турбуленцијата била ненадеен и непредвидлив настан, кој е познат како „турбуленција на чист воздух“, пренесува Танјуг.