Конечните резултати од истрагата за падот на беспилотното летало во Загреб на 10 март покажуваат дека дронот бил вооружен со авионска бомба „ОФАБ 100-120“.
Од Жупаниското јавно обвинителство на денешната прес-конференција е соопштено дека на местото на падот на дронот биле пронајдени 47 фрагменти на метални делови или шрапнели.
„Сите фрагменти се настанати како последица на експлозија. Пронајдена е и запалка со ознаки на кирилично писмо, станува збор за универзална запалка за авиобомби. Утврдено е дека запалката била ставена во предниот дел на авиобомбата. Станува збор за шрапнели на авиобомба“, изјави мајор Миле Томиќ.
Врз основа на испитувањето на металните фрагменти, недвосмислено е утврдено дека се работи за авиобомба „ОФАБ 100-120“ со запалка „AVU-ET 350F“ која го иницирала експлозивното полнење во бомбата, што резултирало со експлозија во фрагментација.
Главниот вештак за пожари и експлозии, Ивана Бачиќ, зборуваше за траги од експлозив, нафтени деривати и боја на трупот на беспилотното летало.
„На местото на падот е формиран кратер со дијаметар од пет и пол метри и длабочина од околу еден и пол метар. Од кратерот се извадени 45 метални фрагменти на кои се забележува промена во бојата на металот во сина на рабовите. Два такви фрагменти се пронајдени и надвор од кратерот. Штетите врз околните згради и автомобили се воглавно предизвикани од расфрлени камења и гранки“, рече таа.
Бачиќ додаде дека на местото на настанот се чувствувал интензивен мирис на амонијак.
„Што се однесува до амонијакот, потврдено е дека се работи за трагови. На десното крило на авионот, најзастапена боја била црвената, со исцртана петокрака во црвено-бела боја. Станува збор за оригинална боја, а пронајдени се траги од пребојусување“, ја пренесува изјавата на Бачиќ загрепската телевизија „Ен1“