Полека се наближува Европското првенство, историско прво за македонската фудбалска репрезентација, па така расте еуфоријата кај љубителите на фудбалот во Македонија.
Селекторот на националниот тим, Игор Ангеловски, вчера го објави списокот на 26 фудбалери со кои ќе се спротивставиме на Австрија, Украина и Холандија во јуни.
Некогашниот репрезентативец, Величе Шумуликоски во изјава за „Фокус“, даде свој коментар околу настапот на Македонија на ова големо натпреварување. Како што вели тој, само треба да ја повториме играта од квалификациските натпревари.
„Нашите фудбалери покажаа еден голем успех што се пласираа на ЕП. Сега кога сме веќе таму, мислам дека шансите се еднакви. Македонија докажа дека е е тежок противник и затоа верувам дека ќе го постигнеме максимумот на трите натпревари. Мислам дека ќе го изненадиме повторно целиот свет. Знаеме дека имаме многу тешки натпревари и дека таму играат големи имиња, но не треба да заборавиме дека ние имаме уште поголеми имиња на грбот. Јас лично сум горд на тие имиња и сум горд дека сум Македонец“, вели Шумуликоски.
На прашањето, како треба да се пристапи кон натпреварите на овој фудбалски настан, некогашниот репрезентативец ќе каже:
„Лично би сакал да ја видам повторно играта која ја игравме во квалификациите. Ако ја повториме, од нас ќе се плаши секој противник на ЕП“, го заврши разговорот Шумуликоски.
Тој беше дел од нашата селекција цели 13 година, од 2000 до 2013, настапувајќи на 84 натпревари и еднаш се запиша во листата на стрелците.
Фото: Перо Стојановски
Јорданчо Цветаноски