Денеска е можеби најважниот натпревар кој македонските фудбалери ќе го одиграат на едно големо натпреварување – средба против незгодната Украина. Најголем дел од репрезентативците порачаа дека овој меч е како финале за нашата селекција, а со таа теза се согласува и некогашниот фудбалер Ацо Стојков.
Тој за „Фокус“ порача дека нашиот тим мора да одигра многу похрабро, а искуството од првиот натпревар веќе дало до знаење кај фудбалерите за тежината на ова натпреварување.
„Првпат сме на ЕП и се крена многу голема еуфорија. Тоа е се супер, но многу е подруго на терен. Иако изгубивме, против Австрија се покажавме во добро светло. Сигурно дека многу не гледале и никој не не потценува на ова натпреварување. Особено не по онаа историска победа над Германија“, вели Стојков.
Украинскиот состав исто така го загуби првиот натпревар против Холандија со 3-2, така што и тие со сите сили ќе тргнат кон нашиот гол.
„Мислам дека на овој меч со Украина ќе одиграме многу подобро, затоа што искуството е научено од првиот меч. Треба да не им оставиме простор на Украинците да мрднат, да ги нападнеме од старт. Сама така може да се надеваме на позитивен резултат“, додаде Стојков.
Фото – GG 3+, приватна архива на Ацо Стојков
Јорданчо Цветаноски