Општина Кавадарци се подготвува за традиционалната манифестација Тиквешки гроздобер 2024, која ќе се одржи од седми до деветти септември и во чиј склоп се предвидени голем број на културни, спортски и забавни содржини.
Дегустација на вина, карневал, изложба на олдтајмери, таблијада, турнир во кошарка, ликовна изложба, изложба на скулптури и низа на други настани ќе се одржат за време на манифестацијата која секоја година привлекува голем број на посетители од целата земја.
Сепак, изборот на музичките гости секогаш привлекува најголемо внимание, и годинава се најавени концерти на десеттина пејачи и групи, а пак главна музичка ѕвезда ќе биде Ацо Пејовиќ, чиј настап ќе се чува за крај на гроздоберот.
На првата фестивалска вечер, на шести септември, со почеток од 20.30 часот во Паркот на револуцијата ќе настапи ,,Трио Гранде”. На градскиот плоштад пак, истата вечер во 21 часот ќе настапи Лара, во 21.45 часот гостува Пајак, и за крај во 23 часот концерт ќе одржи Реља.
Втората вечер, на седми септември, во Парк на револуцијата во 18 часот започнува настапот на ,,Трио Мањифико”, по што ќе следи настап на ,,Акустико Бенд”. Истата вечер на градскиот плоштад во 21 часот настапува Милица Ризо, во 22 часот Огнен Здравковски и во 23.45 започнува концертот на Милица Павловиќ.
Главната гроздоберска вечер ќе се одржи во недела, на осми септември, и во Парк на револуцијата од 18 часот започнуваат настапите на ,,Акустико Лајт” и ,,Трио Гранде”. На градскиот плоштад како предгрупа на главната музичка ѕвезда, Ацо Пејовиќ, првин ќе настапи дуото ,,Некст тајм” со почеток во 21 часот, потоа Барбара Поповиќ во 22.45 часот, по што ќе следи концертот на Пејовиќ. Тој ќе излезе на сцената на полноќ.
Лани на манифестацијата главна гостинка беше Лепа Брена која донесе рекорден број на посетители во Кавадарци. Во годините пред тоа гостуваа Горан Бреговиќ, Здравко Чолиќ, Цеца Ражнатовиќ и многу други популарни пејачи од регионот.
Вики Клинчарова