Обвинителката Вилма Русковска денеска нема да се појави пред Советот на јавни обвинители туку испратила писмено образложение за смс пораката што им ја испрати на Апелациските судии кои на поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и го заменија притворот во куќен притвор, порака која отвори војна меѓу судиите и јавните обвинители.
Русковска писмото го испратила и до Основното јавно обвинителство.
Претседателот на Советот за јавни обвинители, Ацо Колевски, во изјава за Фокус, објаснува дека тие како Совет побарале писмена изјава од Русковска. Оваа изјава тие ќе ја разгледуваат во текот на денот и се очекува да донесат некаков заклучок или став за нивната колешка, но Колевски вели дека тие законски не можат да уврдуваат одговорност.
„Ние можеме да заземеме само заклучок или правен став во однос на настанот. Утврдувањето на одговорност е посебна постапка, Советот во овој момент нема такви законски ингеренции. Доколку има одговорност, постапката ја покренува државниот јавен обвинител, треба дисциплинска комисија или етичкиот совет да расправа, ние одлучуваме после дисциплинската постапка по жалба. Ние сме крајна инстанца при носењето на одлуката, не сме иницијатори или предлагачи за спроведување на постапка за одговорност“, објаснува Колевски.
Нивниот заклучок или став ќе биде објавен во текот на денот. Советот ќе се состане откако судиите од скопска Апелација испратија допис до нив за пораката на Русковска.
Судирот меѓу судиите и обвинителката се случи по нивната одлука да ја пушатат Јанева од куќен притвор. По објавувањето на одлуката, Русковска на судијата, Јани Нича му испратила смс порака која судиите ја објавија и ја обвинија обвинителката за вршење притисок.
„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“, пишувало во пораката.
Од Обвинителсството се уште нема прецизна информација дали имаат право и дали воопшто ќе поднесат жалба на решението на Апелацискиот суд.
Јанева е обвинета во случајт „Рекет“ заедно со Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец. Аплеациските судии во своето образложение пишуваат дека ја пуштиле Јанева од притвор без гаранција, поради нејзината здравствена состојба и поради тоа што била самохрана мајка.
Фросина Факова-Серафиновиќ