Александар Ацев од Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти при АЕК во вечерашното гостување на ТВ 24 рече дека нема закон според кој институциите имаат обврска да ги пријавуваат компјутерските инциденти како оној со Фондот за здравство.
-Не е ништо поразлично од она во светот. Прашање е колку сме спремни да се справиме со нападите. Она што е почесто во овој период се ransomware нападите. Она што ние го знаеме е дека ја имаме контактирано организацијата со барање за информации за инцидентот и разменети се податоци за ранливоста за да им дадеме помош за понатамошно истражување дали и колкава штета е настаната, рече Ацев.
Во однос на тоа дали институциите во светот плаќаат откуп кога се нападнати со ransomware софтверот, тој вели дека има одредени статистики кои треба да се земат со резерва.
-Има статистики во светот кои треба да се земат со резерва, а тоа е дека околу 50 отсто од барањата за откуп со ransomware се исплатени. Тоа се анализира преку следење на трансакциите со биткоини. На крајот на денот, дали ќе треба да се плати или не, зависи од колку институцијата е спремна да ги врати податоците. Колку штета ќе има, колку нарушување на репутацијата ќе има. Тоа е одлука на институцијата да одбере дали ќе плати откуп или не, рече Ацев.