Балканската турбо фолк ѕвезда Аца Лукас го најави големиот предновогодишен концерт во Скопје. Ќе се одржи на 29-ти декември во А1 Арена Борис Трајковски, со почеток од 21 часот.
Организаторите Балкан Медиа, велат дека концертот во Скопје ќе биде вистинско загревање за Нова година, но и убава завршница на годината која изминува. Најавуваат празничен репертоар, а билетите за предновогодишниот концерт на Лукас се продаваат по цена од 600 денари.
Како потсетување, предновогодишните концерти на Аца Лукас не се нешто ново во Скопје.Тој одржа голем предновогодишен концерт на истиот датум во 2018 година, во салата Борис Трајковски. Тогаш, по завршувањето на концертот, јавноста сведочеше на невиден вандализам, искршени столчиња, тоалети, еден куп ѓубре, но и оштетени автомобили на паркингот пред салата. Фотографиите од демолираниот простор ја згрозија јавноста.
И на 23-ти декември 2017 година тој имаше предновогодишен концерт во Арена Борис Трајковски.
Контроверзниот пејач кој е познат на Балканот по својот бурен приватен живот, и покрај критиките кои често ги добива, сепак секогаш успева во рекордно време да ги распродаде билетите за своите настапи, а публиката го дочекува еуфорично.
Вики Клинчарова