Аца Лукас ќе пее на Каменичко културно лето, настапот е најавен како најголемо балканско шоу во Македонска Каменица!

by fokus

Каменичко културно лето 2023, манифестација која традиционално се одржува во Македонска Каменица и важи за најголем културен настан во регионот, ја објави својата програма.

Зад манифестацијата стојат Општина Македонска Каменица и Културно-информативен центар ,,Романса”, и најавени се низа на забавни настани. Голем број на спортски натпревари, настапи на културни друштва и ансамбли се предвидени во програмата, а главите музички настани ќе се одржат на градскиот плоштад од 26-ти до 28-ми август.

На 26-ти август настапуваат Силви Бенд и Наум Петрески, на 27-ми август ќе настапат Зуица Лазова и Дамјан Стојановски, а пак на 28-ми август првин ќе настапат Бојана и Ламбе Алабакоски, а потоа од 22 часот е најавен концерт на Аца Лукас.

-Ви го најавуваме еден од најпознатите балкански музички ѕвезди кој доаѓа директно на градскиот плоштад во Македонска Каменица на 28.08.2023 година за Денот на Општината и Денот на Рударите-АЛЕКСАНДАР ВУКСАНОВИЌ-АЦА ЛУКАС!
Не пропуштајте да бидете дел од најголемото балканско музичко шоу во Македонска Каменица- пишува на страницата на КУЦ ,,Романса,,.

Околу тоа како паднал изборот на Лукас, како главна музичка ѕвезда на Каменичко културно лето 2023, дали тој доаѓа по желба на граѓаните и колку средства од општинскиот буџет се одвоени за манифестацијата, ,,Фокус” го контактираше каменичкиот градоначалник Димчо Атанасовски, кој и самиот во минатото се занимавал со музика, како и дипломирал на Факултетот за музичка уметност, а има работено како наставник по музичко образование во основно училиште, но и како директор во основно училиште.

За сите детали во врска со забавно-музичката програма на културното лето тој не упати кај директорот на ,,Романса”, Ванчо, кој пак освен што потврди дека Лукас ќе биде главна музичка ѕвезда, не сакаше да открива повеќе детали, бидејќи не давал изјави по телефон, туку заинтересираните новинарски екипи требало да отидат лично кај него на разговор во Македонска Каменица.

-Ќе има многу македонски музичари, покрај главната ѕвезда Аца Лукас. Колку средства од буџет се одвоени за настанот, и со колку средства покровителите го поддржаа културното лето, тоа е таен податок и нема да ви кажам.
Ако новинари сакаат детали за настанот, нека дојдат на разговор со мене во Македонска Каменица, јас по телефон не можам да откривам детали – ни кажа директорот.

Не одговори ниту на прашањето како дошле до идеја Лукас да биде главната ѕвезда на културното лето, и дали евентуално правеле анкети помеѓу граѓаните.

Како потсетување, лани Аца Лукас беше највен како музички гостин на Каменичкото културно лето, но поради грешка на неговиот менаџерски тим, настап му бил закажан на ист датум на две локации, и тоа во Македонска Каменица и Крива Паланка.

Тогаш тој настапи во Крива Паланка, на Кривопланечко културно лето 2022, во склоп на Џојфест пред огромен број на публика, а пак во Македонска Каменица наместо него, пееше Петар Грашо.

Инаку, Лукас овој месец веќе имаше два настапи во земјава, и тоа во клуб во Кочани пред две недели и во клуб во Струмица пред два дена.
Поради неговата голема популарност во Македонија, тој ќе настапи и на манифестацијата Пивофест Прилеп на почетокот на септември.

Вики Клинчарова

Поврзани новости