Атрактивниот плац на Груевски на Водно се уште не е огласен за продажба, 6 месеци се проценува неговата вредност

by fokus

Веќе шест месеци се чека да се направи проценка на вредноста на атрактивниот плац на Водно, кој беше дел од тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски, конфискуван со пресудата за ,,Плацеви на Водно”. Од Агенцијата за управување со одземен имот за ,,Фокус” велат дека барањето за проценка било испратено пред половина година.

-За недвижниот имот, запишан во КО Центар 2, испратено е барање до Биро за процени на 07.08.2023 година но за истото се уште немаме одговор, ни одговорија од Агенцијата.

Од Бирото за проценки пак не добивме одговор зошто им е потребно толку време за да ја одредат вредноста на имотот.

За да имотот се огласи за продажба, најпрвин треба да се направи проценка, а потоа да се даде зелено светло и од Владата, па дури тогаш Агенцијата за управување со одземен имот објавува оглас.

Овој плац, во местото Шербетница, е со големина од над 10.000 квадратни метри, и е поделен на три парцели. Според пресудата за ,,Плацеви на Водно”, Груевски тајно го купил имотот за 1,3 милиони евра, а бизнисменот Сергеј Самсоненко кој тврдеше дека плацот е негов, велеше дека го платил 1,8 милиони евра. Сепак тој ја изгуби судската битка, бидејќи според пресудата,  бил фиктивен сопственик.

Обвинителството тврдеше дека овој плац е во тајна сопственост на Груевски, кој го купил со 1,3 милиони евра партиски пари. Потоа, според обвинението, и пресудата, плацот сменил неколку сопственици, со цел да се тргне погледот од тогашниот премиер.

Сѐ почнало во летото 2012 година, кога Ристо Новачевски, по барање на кумашинот Груевски, основал фирма-ќерка во Скопје, „Сирах инженеринг“, за преку неа да ја изврши купопродажбата.

По објавата на „бомбите“, од кои се дознава дека сопственик е Груевски, се прави обид да се прикрие вистината, па Новачевски ја пренесува сопственоста на друго правно лице.
Поточно, според документите од Централен регистар, уделот во „Сирах инженеринг“ го купува „Орка“, во сопственост на Камчеви, а поголемата парцела се цепка на три помали. Со големина од 4.470, 750 и 4.923 квадратни метри шума.

Потоа газда станува Друштвото за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери „Лајф кеар центар“. До јуни 2019 година, оваа компанија била на бизнисменот Камчев, а потоа управител и сопственик станува Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Самсоненко.

СТАНОВИТЕ СЕ ПРОЦЕНЕТИ, НО СЕ УШТЕ НЕ СЕ ОГЛАСЕНИ ЗА ПРОДАЖБА

За продажба се уште не се огласени ниту петте стана на екс премиерот. Иако проценката на становите беше напрвена уште во октомври минатата година, сепак од Владата се уште не дале зелено светло за продажба.

Петте стана на Груевски се проценети на вредност од 1,9 милиони евра. Три се наоѓаат во луксузниот комплекс ,,Панорама” на Водно.

Еден од становите се наоѓа на сутерен, а два од овие луксузни апартмани се наоѓаат на поткровјето на комплексот. Сите се со вкупна површина од 750 квадратни метри.

Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со посебни делови од зградата во површина од 95 квадрати, вториот е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни, а третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и идентичен балкон од 48 квадрати.

Нови сопственици ќе добијат и двата стана на Груевски во Кисела Вода. Тој пред да избега, живееше во дуплекс, односно два споени стана со површина од над 140 квадратни метри. Но, имал уште два стана на истиот кат, со вкупна површина од 100 квадратни метри, а во вредност од 100.000 евра. Едниот го користел како библиотека, а другиот како работна соба.

Според сегашното законско решение, на јавната аукција нема право да се јави осуденото лице од кого е конфискуван имотот, но нема пречка како купувач да се јави некој од членовите на неговото семејство.

Валентина Вурмо

Поврзани новости