Тетовското акционерско друштво „Интерпромет“, кое, како што пишуваше „Фокус“, беше преземено од луѓе блиски до лидерот на владејачката ДПА и актуелен пратеник Мендух Тачи, продала недвижен имот од околу 10 илјади квадратни метри на млада компанија регистрирана за видеопродукција и ТВ-програма.
Според податоците објавени на Македонска берза, кон средината на оваа 2023 година донесена е одлука за одобрување на голема зделка, односно за продажба на недвижен имот на катастарска парцела број 2198, КО Тетово 1, при што наведено е за каков имот и квадратура станува збор.
Во самата одлука стои дека недвижниот имот се продава како целина, со тоа што наведена е и минимална цена од 92.250.000 денари или 1,5 милиони евра плус ДДВ, со цел „обезбедување на ликвидни средства за потребите на друштвото и евентуално покривање загуби“.
Набргу потоа, стигнува и известување за склучена голема зделка, чијашто вредност изнесува над 20 проценти од книговодствената вредност на имотот на друштвото определена врз основа на последните финансиски извештаи.
Патем, во одлуката се наведува дека договорот е склучен со тетовската компанијата „ЛГроуп“ во вредност од 98.654.000 денари или 1,6 милиони евра без ДДВ.
Според податоците од Катастарот на недвижности, се работи за земјиште од 3.000 квадратни метри, заедно со објект со намена „трговски центри“ (стоковна куќа), чија внатрешна површина изнесува над 7 илјади квадрати.
ЗА КАКВА КОМПАНИЈА СЕ РАБОТИ?
Според Централниот регистар, оваа компанија е основана на средината на 2021 година, односно 2 години пред да купи имот од „Интерпромет“ за 1,6 милиони евра. Компанијата е во сопственост на Ветон Луши и регистрирана е за „производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма“.
Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека ланската 2022 година има остварено приходи од нула денари и расходи од само 80 денари, што значи дека една година пред да ја склучи големата зделка со некогашниот тетовски гигант немала речиси никаква деловна активност.
До компанијата и сопственикот Луши поставивме неколку прашања со кои баравме одговор како дошло до овој договор меѓу двете страни, со каква цел и планови една релативно нова компанија го купи овој имот, како беше обезбедено финансирањето, како и на кој начин моментално се стопанисува со него? Сепак, одговори не добивме.
Инаку, неделникот „Фокус“ во неколку наврати ја третираше темата околу приватизацијата и управувањето со „Интерпромет“. Последната сторија на оваа тема ја објавивме во 2020-та година, кога обезбедивме обемна документација и искази во насока дека еден мал круг на луѓе блиски до ДПА и Тачи стекнувале државни акции во спорни постапки за багателни цени.
Моментално, податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност покажуваат дека 84 отсто од акциите ги поседува Фадил Алили, кој важи за близок човек до Тачи. За потсетување, порано пишувавме дека над 5 отсто од акциите поседува и неговиот брат Харун Тачи.
Податоците до кои дојдовме во врска со начинот на освојување на друштвото од страна на лица блиски до Тачи, во време кога ДПА е на власт, открија дека судот еднаш ја поништи продажбата на државни акции во друштвото, но сепак тие подоцна повторно завршуваат кај истата група.
ПРИВАТИЗАЦИЈА ПА СТЕЧАЈ
На самиот почеток на 1996 година, Владата носи решение за приватизација на „Интерпромет“, но оваа постапка запира во текот на истата година поради отворање стечај. Впрочем, стечајната постапка се затвора една година откако по парламентарните избори во 1998 година на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ предводено од Љубчо Георгиевски, кој формираше влада со ДПА.
Дотогаш, во акционерската структура на „Интерпромет“ доминирала државата со 41 отсто од акциите, додека ПИОМ поседувал 7 отсто, а остатокот од 51 отсто бил распределен меѓу над 200 акционери. Во 2000 година, во сопственичката структура на друштвото за првпат влегува Фадил Алили од тетовско село Порој, близок до ДПА.
Освен што Алили почнува да купува акции од помалите акционери, тој ги купил и оние 7 отсто акции на ПИОМ за сума од 100 тогашни германски марки. Набргу потоа, Алили ги купи и оние 41 отсто акции на државата за сума од 800.000 евра, и покрај тоа што нивната вредност се проценуваше на десеткратно повеќе.
Она што е симптоматично во врска со оваа трансакција е тоа што Алили ги купил акциите откако беа ставени на продажба по четврти пат, бидејќи првите 3 обиди за продажба на акциите завршиле неуспешно. Во меѓувреме, претставници на „помалите“ акционери во „Интерпромет“ покренале судска постапка против продажбата на државните акции.
Меѓутоа, тетовскиот основен суд во 2003 година пресудил дека нема ништо спорно во оваа трансакција. Ваквата пресуда ја потврдил и повисокиот апелациски суд, но јавниот обвинител побарал ревизија на пресудата на апелација од страна на Врховен суд, кој во 2005 година донел одлука со која ја поништува продажбата.
Како што оценил Врховниот суд, Агенцијата за приватизација, која ја водеше постапката за продажба на акциите, објавила јавна објава за првите 3 обиди за продажба, но тоа не го сторила пред четвртиот успешен обид, со што не било усполнето начелото за јавност при продажбата. Со тоа, Фадил Алили загуби 41 отсто од акциите во „Интерпромет“…
ЦЕЛОСНА ДОМИНАЦИЈА
Во 2006 година, се оддржа годишно Собрание на акционери, кога не се прифати Извештајот за работа на раководството, што значеше дека тогашниот Управен и Надзорен одбор паѓаат. Откако ДПА повторно дојде на власт во периодот од 2006 до 2008 година, ПИОМ оттуѓува околу 9.700 акции со номинална вредност од 485.000 евра, што значи дека Фондот продаде 14 отсто од акциите што ги поседуваше и остана да располага со 27 отсто.
Во истиот период, Алили поседува 34 отсто од акциите, кои ги стекнал купувајќи ги оние 7 отсто од ПИОМ уште во 2000 година, додека остатокот од 27 отсто го купил од помалите акционери. Дотогаш, ПИОМ поседува 41 отсто од акциите, меѓутоа во септември 2007 година му ги продава споменатите 14 отсто од акциите на извесен Шериф Гафури.
Тој се јавува како сопственик на овие акции заклучно со декември 2008 година, кога исчезнува од листата на акционери. Паралелно со тоа, во списокот со акционери што поседуваат над 5 отсто од акциите во „Интерпромет“ влегува братот на лидерот на ДПА Мендух Тачи – Харун Тачи, кој тогаш поседува скоро 19 отсто од акциите.
Во следните неколку години, тој малку по малку го зголемува бројот на акции, така што во 2017 година доаѓа до 23 отсто. Вака стојат работите сè до преминот од 2018 кон 2019 година, кога доминантиот индивидуален акционер Алили ги купува сите 27 отсто акции на ПИОМ, при што на извесен начин се повторува постапката од 2000 година.
Имено, Фондот прво ги понудил на продажба сите над 18 илјади акции кон крајот на 2018 година по почетна цена од околу 50 евра по акција. Но тогаш не се јавил ниту еден заинтересиран, па акциите повторно биле ставена на продажба во јануари 2019 година. При повторената продажба, акциите ги купил Алили по преполовена цена од 25 евра по акција, односно за вкупно 478.000 евра.
Така, Алили дојде до мнозински пакет во „Интерпромет“, имајќи предвид дека поседуваше 61 отсто од акциите, по што следуваше Харун Тачи со 23 отсто, додека останатите 16 отсто беа распределени меѓу стотина помали акционери. Денес, Алили е доминантен акционер со 84 отсто, што значи дека во меѓувреме ги презел и акциите на Харун Тачи.
Влатко СТОЈАНОВСКИ