Македонските министри треба да говорат на македонски јазик без оглед на нивната етничка припадност, вели политичкиот аналитичар, Благојче Атанасовски, по обвинувањата од опозицијата дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи, зборувал на албански јазик при средбата со шпанскиот министер за надворешни работи.
-Во најмала рака е неумесно вие како министер за надворешни работи да говорите на јазикот кој не е кодифициран на целата територија, албанскиот јазик е официјален но согласно одредбите од охридскиот рамковен договор тој има начин и употреба каде во која мера се употребува. Мислам дека дефинитивно македонските министри без разлика на нивната етничка припадност треба да говорат на македонскиот литературен јазик – вели Атанасовски за Канал 5.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка и кривична одговорност за Османи, бидејќи го нарушил угледот на државата.
Од МНР демантираа дека Османи не го почитувал Законот за јазици.
„На секој настан Министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што Министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми“, соопштија од МНР.