Атанасов за „Фокус“: И ВМРО и СДСМ се виновни за состојбата на образованието

Со игнорирање на проблемите во образованието од страна на политиката стигнавме до последните места по квалитет на сите ранг листи

by Fokus

СОНК денеска го започна својот штрајк, преку кој просветните работници бараат покачување на платите и усогласување со минималецот од 18 илјади денари.

Мислењата за штрајкот во јавноста се поделени, а некогашниот заменик-министер за образование, Петар Атанасов се надева дека ќе се најде решение за овој проблем.

 

„Проблемите се слични како и со другите нивоа на образование. Се надеваме дека во преговори со Министерството за образование ќе се најде начин за решавање на овие проблеми. Мислам дека Владата треба конечно сериозно да му пристапи на целото образование и да започне да ги решава проблемите кои предолго траат и се многубројни“, вели Атанасов за „Фокус“.

Партиите ја користат и оваа прилика и си ја префрлаат вината за состојбата до која се дојдени наставниците, нешто што мошне му пречи на нашиот соговорник.

„Со игнорирање на проблемите во образованието од страна на политиката стигнавме до последните места по квалитет на сите ранг листи. Навистина е дегутантно партиското препукување на двете најголеми политички партии кои го деградираа нивото и квалитетот на образованието и подеднакво се виновни за денешните состојби“, додаде Атанасов.

Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков вели дека се подготвени за разговори со првите луѓе на МОН само доколку вродат со некаков плод.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости