Нема потреба од дополнително оценување на студентите бидејќи Владата на тој начин им го загрозува уставно загарантираното право на образование на студентите и влегува во автономијата на универзитетот, реагираа денеска од опозицискиот СДСМ, кои побараа од премиерот Никола Груевски и министерството за образование веднаш да ги повлечат новите измени и да престанат да носат одлуки без јавна дебата.
– Образовните измени се избрзани, брзоплети, нелогични , во коишто Владата го спакува и т.н. државен испит и ги пушти во недела попладне невешто да ги правдаат Абдулаќим Адеми и Спиро Ристовски. Владата вчера објави дека влегува во пресметка со општеството, со студентите, со наставниците, со професорите, со сите! Со тоа го покажаа својот страв од општествената свест. Прашуваме, уште колку штети треба да се случат од образовните експерименти? – истакна Петар Атанасов, претседател на Комисијата за образование и наука во СДСМ.