Атанасов: Не чуствувам одговорност за кривичната пријава против Коце Трајановски

by fokus

Поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Александар Атанасов, вели дека нема ништо незаконско во тоа што бил поставен на функцијата во 2015 година без нострифицирана диплома. Денеска СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица за ова именување. Меѓу осомничените е и поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски. Атанасов не е опфатен со пријавата.

Трајановски и уште три лица од градската администрација се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Осомничените не извршиле проверка на комплетноста и валидноста на доставената документација при изборот на Атанасов на огласот за директор, на кој се пријавиле 11 кандидати.

Според полицијата, Атанасов имал некомплетни документи, односно дипломата за завршен факултет во државата Њујорк во САД не му била нострифицирана.

За „Фокус“ Атанасов вели дека не чувствува одговорност.

-Не чувствувам никаква одговорност, напротив постапката е законска и чиста. Во Македонија во минатото, а и во моментов, имало и има еден куп именувани лица директори, па и министри, со признати странски дипломи, како од САД, ЕУ, така и од Косово, Тирана и.т.н – вели Атансов.

Случајот во 2017 година го обелодени Синдикатот на хотелиерите, туристичките работници и занаетчии. Од таму тврдеа дека Атанасов веќе две години раководи со оваа институција, практично, со основно образование, бидејќи неговите дипломи за завршено средно и високо образование, не се признати.

Трајановски е, инаку, осомничен затоа што по извршениот инспекциски надзор во јавното претпријатие, иако му било укажано да ја преиспита одлуката за избор на директор на претпријатието и да донесе одлука во согласност со своите надлежности,  тој не преземал никакви дејствија со што му овозможил на Атанасов да продолжи да ја извршува функцијата.

Поврзани новости